60 години „Охридско лето“ и 250 години од раѓањето на Бетовен.
Музиката е универзален јазик кој ги поврзува луѓето, а нотите – нивното пишано лице, заедничко за сечии мисли и чувства. Одата на радоста од Лудвиг ван Бетовен, химната на Европа, е своевиден симбол за заедништвото и универзалноста на вредностите воопшто. Во чест на музичкиот гениј, деновиве во центарот на Охрид поставено е обележје на почетните ноти на Ода на радоста, со моќна порака и во чест на јубилеите – 60 години „Охридско лето“ и 250 години од раѓањето на Бетовен.
Оваа порака ја носи и годинашното „Охридско лето“ кое со својот 60-годишен јубилеј одбележува уште еден значаен јубилеј, 250-годишнината од раѓањето на Бетовен. Вака, Охрид уште поцврсто му припаѓа на светот и обратно – светот уште поцврсто му припаѓа на Охрид.
Одата на радоста симболично го означи и јубилејното издание на фестивалот. Првата вечер којашто беше посветена на оперската примадона Ана Липша-Тофовиќ која 1961 ја започна магијата на фестивалот, заврши токму со оваа химна на Европа во изведба на оперските ѕвезди Марија Јелиќ, Аманда Стојовиќ, Дарио ди Вјетри и Иван Томашев, придружени од Миливоје Вељиќ на пијано.
Музиката на Бетовен, по повод 250 години од неговото раѓање се славеше низ цела Европа. Бетовен и Ода на радоста станаа своевидни белези на ова културно лето насекаде во Европа, па и кај нас.