Паузата поради пандемијата со коронавирусот, луѓето кои ја предводат Евролигата ја искористија да ги изберат стоте најдобри кошаркари во историјата на ова најдобро клупско натпреварување на Стариот континент, меѓу кои е и еден Македонец – Петар Наумоски.
Со наслов „Македонскиот бисер“, денеска е објавен текст за нашиот најдобар кошаркар на 20 век, за неговата кариера, но и размислувања на Владимир Станковиќ, авторот на книгата „101 големци на европската кошарка“ како и на еден од најдобрите европски тренери на сите времиња, Божидар Маљковиќ, кој како тинејџер го зема во Југопластика и му овозможи да освои две европски шампионски круни.
Ако некој ме праша кој е најдобар македонски кошаркар на сите времиња, на кратко би се двоумел помеѓу Благоја Георгиевски и Петар Наумоски, но на крај би го избрал Пеце и тоа поради неговиот меѓународен успех и дури 24 освоени трофеи во поранешна СФР Југославија, Италија и Турција, вели авторот на текстот на сајтот на Евролигата.