Магазин 05. септември 2020. / 17:15

Перформанс на „Steam Room“ вечер во Музејот на современата уметност

Перформанс на „Steam Room“ вечер во Музејот на современата уметност

Во Музејот на современа уметност вечер од 21 часот ќе биде изведен перформансот „dragON aka PONY“ на Александар Ѓеоргиев, Жана Пенчева и Дарио Барето Дамас, познати како „Steam Room“, во рамки на осмиот фестивал „Викенд на гордоста Скопје 2020“.

Организаторите најавуваат дека „dragON aka PONY“ е кореографско дело во кое е претставено игралиште исполнето со голем број танцови референци од минатото и сегашноста, од Западна и Источна Европа, при што се создава простор на постојана транзиција, раслојување на интимноста и се експонира бедната коегзистенција. Перформансот е номиниран за наградата ИКАР 2020 на Сојузот на уметниците во Бугарија, во категоријата „Современ танц и перформанс“.

„Викендот на гордоста Скопје“ е фестивал за квир култура, уметност и теорија чија основна кураторска тема годинава е „Суров оптимизам“. Фестивалот е во организација на Коалицијата „Маргини“ и ЛГБТИ-Центарот за поддршка, во партнерство со Музејот на современа уметност. Перформансот на „Steam Room“ е организиран во партнерство со Кино Култура.