Магазин 24. јуни 2020. / 20:00

Пандемијата го откажа маратонот во Њујорк

Пандемијата го откажа маратонот во Њујорк

Маратонот во Њујорк, кој првично требаше да се одржи на 1 ноември, е откажан поради пандемијата на корона вирусот.

Како што објавија организаторите на трката, „The New York Road Runners“ (NYRR), во партнерство со кабинетот на градоначалникот, решението за откажување на најголемиот маратон во светот е поради корона кризата и загриженоста за здравјето и безбедноста на сите учесници, гледачи, волонтери и персонал.

Откажувањето на годинашниот маратон беше неверојатно разочарувачка одлука за сите вклучени, но неизбежно од гледна точка на здравјето и безбедноста – изјави извршниот директор на „NYRR“, Мајкл Капирацо.

Трката долга 26,2 милји, која се движи низ сите пет населби од градот и во 2019 година имаше 53.640 финалисти, е втора од шестте големи светски маратонски трки што се откажани оваа година, поради пандемијата на Ковид-19. Бостонскиот маратон, првично закажан за април, а подоцна одложен за септември, беше откажан за прв пат во својата 124-годишна историја.

Токискиот маратон се одржа на 1 март само во присуство на елитни маратонци, лондонскиот маратон од 26 април беше одложен за 4 октомври, а организаторите на маратонот во Берлин објавија дека нивното натпреварување исто така е откажано. Овој маратон првично требаше да се одржи на 26-27 септември, но тоа не беше можно поради забраната на германската влада за масовни собири на повеќе од 5.000 лица што трае до 24 октомври.

Маратонот во Чикаго не објави никакви измени на закажаната трка во октомври.