Во пресрет на настапот на македонската фудбалска репрезентација на средбата со Полска во квалификациите за ЕП 2020 година, полските медиуми објавија интервју со легендата на македонскиот фудбал, Дарко Панчев, во кое тој зборува за состојбата со фудбалот во Македонија, но и за некои работи поврзани со неговата кариера, пренесува Спортмедиа.
На прашањето што мисли за мечот со Полска кој ќе го одиграме в петок, Панчев изјавил:
Полска е фаворит, кога теоретски подобар тим се соочува со послаб. Но тоа не е секогаш гаранција за успех. Имате силен тим, но полските играчи не се креативни. Пристапот во натпреварот ќе одлучи.
За квалитетот на нашата репрезентација, Панчев вели:
Македонија има 4-5 индивидуали, како што се Барди, Трајковски, Алиоски или Хасани, додека Горан Пандев главно помага со искуство. Селекторот Ангеловски е производ на лошата состојба во македонскиот фудбал, Пред да ја преземе репрезентацијата тој немал многу искуство, бидејќи работешесамо во мал клуб како Работнички. Постојат гласини дека тој стана селектор, бидејќи бил пријател со претседателот на Федерацијата и заедно оделе на одмор. Неговиот избор беше изненадување. Тој има најдобри резултати бидејќи играше и победуваше со селекции како Гибралтар. Сега доаѓа вистинскиот тест. Не можеме да играме само со овој тим и со Косово, смета Панчев.
За споредбите со Горан Пандев и за тоа кој имаше подобра кариера, легендата на Вардар во интервјуто додава:
Ниту еден Македонец не ја покажа мојата класа. За три години, мојот трансфер беше најскап во светот. Во 1991, го освоив второто место во трката за Златната топка. Никогаш пред или по мене, ниту еден Македонец не беше толу блиску до наградата. Во мое време, само тројца странци можеа да играат во Италија. Замислете нешто слично денеска. Колку добри играчи ќе можеа да играат? Ако важеа правилата од тоа време, мислите дека Пандев ќе се појавеше во тимот на Интер кој ја освои Лигата на шампионите? Еве вие да сте тренер и да треба да одберете меѓу Ето, Снајдер, Милито или Хулио Сезар, дали ќе го ставевте Пандев во игра?.