Магазин 24. ноември 2020. / 15:52

Пакомак постави прв повратен вендинг апарат во Куманово

Пакомак постави прв повратен вендинг апарат во Куманово

Со цел да се мотивираат граѓаните на Куманово што поефикасно и побрзо да се вклучат во процесот на селектирање отпад, Пакомак во маркетот Рамстор го постави првиот вендинг апарат во Куманово. Вакви апарати се поставени и во други градови низ државата, а тие се реализирани благодарение на швајцарската амбасада во Македонија.

Станува збор за прототип на вендинг апарати, македонска иновација, во чие создавање учествуваа голем број на лица од Факултет за електротехника и информациски технологии во Скопје, под водство на деканот Димитар Ташковски. Со скенирање на QR код преку претходно симната мобилна апликација преку Google store и Itunes, граѓаните ќе можат селективно да го одложуваат отпадот, а со самото учество да бидат соодветно наградени со т.н. “зелени поени” кои може да ги користат по извесен период за плаќање во Рамстор и во блиска иднина и во други маркети, или за други јавни услуги кои дополнително ќе бидат дефинирани.

– Станува збор за прототип, вендинг апарат кој е во тест фаза, а во процесот на финализирање набргу ќе може да учествуваат со коментари и сугестии и самите граѓани, велат од Пакомак.

Енормниот обем на отпад кој се креира со зголемената консумација во модерното општество, селективното одложување отпад, собирањето и неговото рециклирање е екстремно важен процес за одржување на чиста и незагадена околина. Но, за многумина овој процес е напорен и одзема премногу енергија, па затоа Пакомак преку повратните вендинг апарати сака да го олесни процесот на селективно одложување отпад, и да ги мотивира граѓаните да земат учество во него.

Со ова Македонија станува дел од само 12 европски земји кои имаат воведено ваков систем на селективно одложување отпад и негово рециклирање.