Изложба „1000 години Бигорски манастир“ во која се преставени 17 икони-копии, две фрески и една плаштеница од Бигорски манастир синоќа беше отворена.во Битола во рамки на Републичкиот фестивал на народни игри и песни „Илинденски денови“.
Изложбата е придонес на НУ Центар за култура и јубилејните 50 години на фестивалот „Илинденски денови“ кон јубилејот на Бигорскиот манастир основан во 1020 година. Бигорскиот манастир многу пати бил рушен и пален, а е возобновен во 1995 година со доаѓањето на отец Партениј од Света Гора. Како што е познато отец Партениј е по потекло од Битола, а таму во манастирот живеат и други наши битолчани со чиј благослов ја отворам оваа изложба – посочи Маја Андоновска Илијевски, директор на таа национална установа во Битола..
Изложбата „1000 години Бигорски манастир“ ја подготвија и организираат членови на Ансамбл „Македонија“ од Скопје, во рамки на проект поддржан од Министерство за култура и Бигорски манастир, истакна професорот д-р Владимир Јаневски, раководител на ансамблот „Македонија“.
Ансамбл „Македонија“ овој проект го реализира со презентација на икони од Бигорски манастир и паралелна концертна изведба на мијачките обреди, световни ора и песни кои биле и ден денес се присутни во Бигорскиот манастир, и тој крај каде се наоѓа манастирот. Оваа изложба ќе патува и ќе биде претставена низ цела држава, низ сите градски центри за култура и музеи, а очекуваме за кратко време изложбата да биде претставена и во странство, бидејќи често концертите на Ансамбл „Македонија“ се придружени со тематски изложби – истакна Јаневски.
Битолската публика во културниот центар „Магаза“ може да ги погледне најпознатите икони од олтарот во Бигорскиот манастир, икона стара 1000 години која сведочи и посочува на почетоците на манастирот кои датираат од 1020 година, потоа икони од 16 век, како и икони од 19 век.