Вкупно 71 раскази од сите дванаесет балкански земји, се наоѓаат во книжениот избори на авторот д-р Ставрос Г. Дајос каде се селектирани дури осум прозни творби на писатели од Макеоднија: Ташко Георгиевски, Влада Урошевиќ, Томислав Османли, Ким Мехмети, Оливера Ќорвезироска, Шазим Мехмети, Румена Бужаровска и Шкелзен Халими.
Во издание на грчката издавачка куќа „Литератус” од Солун објавена е „Антологијата на балканското расказно творештво“ („Ανθολογία της βαλκανικής διηγηματογραφίας”). Со изборот на раскази од сите современи балкански литератури, реализиран на 428 страници, книгата го опфаќа целиот период од XX и XXI век.
Потребата од создавањето оваа нова антологиска објава авторот и издавач Дајос ја објаснува со динамично променетата балканска реалност.
– По големите историски промени од 1990-те години означени со расточувањата на структурите од источниот појас и со жестокиот распад на југословенската федерација, се појавија нови состојби, потреби, теми, автори и видувања, а беа поставени и нови критериуми за изразување и за задоволување на литературните поттици на современото балканското етничко, државно и јазично расејување, смета тој. Некои од тие нови појави, заклучува антологичарот Дајос, ги пополнува овој опсежен прозен избор.
Меѓу застапените автори се и великаните на балканската литература: нобеловците Иво Андриќ и Орхан Памук, како и книжевни доајени како Мирослав Крлежа, Елин Пелин, Андонис Самаракис, Исмаил Кадаре и други истакнати писатели на поширокиот балкански книжевен регион.
Инаку, претходната „Антологија на балканскиот раказ“ на авторот Јанис В. Бенекос, во Грција била објавена во далечната 1981 година, со по пет автори од вкупно шесте тогаш постојни балкански земји, поточно со вкупно 30 застапени балкански писатели. Новата антологија на Ставрос Дајос, македонскиот расказ го става рамноправно со творештвото во жанрот на кусата проза од единаесетте останати балкански држави.
Како што известуваат од книгоиздателството „Литератус”, антологијата на балканскиот расказ, дистрибуирана во сите големи книжарници на соседната земја, на широкото грчко читателство му станува достапна деновиве.