Магазин 13. август 2020. / 10:48

„Охридско лето“: Гала оперски концерт и балетска премиера на „Болеро“

„Охридско лето“: Гала оперски концерт и балетска премиера на „Болеро“

Со оперски концерт и балетска премиера, Националната опера и балет (НОБ) вечерва е дел од програмата на Охридско лето. Гала оперскиот концерт и балетската премиера „Болеро“ од Морис Равел во кореографија на Саша Евтимова се најавени на сцената Долни Сарај, Охрид.

Ќе диригира Бисера Чадловска, а на концертот ќе настапат солистите: Сандра Митровска, Катерина Стојановска, Ѓорѓи Цуцковски, Владимир Саздовски, како и Оркестарот на НОБ.

Како што истакна уметничката раководителка на Операта Бисера Чадловска, особено ја радува овогодинешното учество на Националната опера и балет на 60-тото јубилејно издание на „Охридско лето“.

Националната опера и балет учествувала на скоро сите досегашни изданија на фестивалот ‘Охридско лето’ со свои проекти. По неколкумесечна пауза, дел од оперските солисти, оркестарот и женскиот балетски ансамбл ќе настапат на оперски гала концерт и балетска премиера на ‘Болеро’ од Морис Равел. Програмата е специјално конципирана за да може да се изведе во овие специфични услови. Сите учесници ќе ги почитуваат мерките за одржување на вакви настани со тоа што за време на концертот ќе седат на соодветна дистанца, секој на посебен пулт и со маски на лицето, се разбира оние учесници на кои инструментот тоа им го дозволува“, посочува Чадловска. Како што истакна таа, на гала концертот, освен балетската премиера на популарното „Болеро“, ќе бидат изведени и оперски дела од Моцарт, Пучини, Бизе и Чилеа.

Со настап на дел од женскиот балетски ансамбл на НОБ, публиката ќе може да го проследи и најпопуларното дело на Морис Равел, а кореографијата на Евтимова,  ја дополнуваат режијата на Дејан Прошев, костимите на Марија Пупучевска, светло дизајнот на Милчо Александров.

За Олга Панго, уметничка раководителка на Балетот задоволство е по подолга пауза поради пандемијата со корона вирусот да се настапи на големиот и престижен меѓународен и македонски фестивал – Охридско лето.

За таа пригода подготвивме нова премиера на Равеловото ‘Болеро’ кое е во согласност со препораките на Комисијата за заразни болести. Тоа е балет под маски, без допир и на дистанца… За нас претставува една нова авантура во балетската уметност и еден нов балетски израз во кореографија на Саша Евтимова. Се надевам дека публиката ќе ужива во нашата изведба на Долни Сарај во Охрид, вели таа.