Националната установа „Стоби“ соопшти дека од денеска е отворен за сите посетители археолошкиот локалитет Стоби. Отворениот простор на локалитетот овозможува физичко дистанцирање и безбедна прошетка, а при посетата треба да се почитуваат мерките и препораките за заштита и превенција од КОВИД-19.
Програмата на Националната установа Стоби за 2020 година опфаќа повеќе проекти, од кои шест директно се однесуваат на истражување и заштита на движното и недвижното културно наследство, додека останатите активности предвидуваат изработка на проекти и инфраструктурни зафати.
Меѓу планираните проекти од областа на заштита на недвижното културно наследство се конзервација и реставрација на дислоцираните мозаици од археолошкиот локалитет Стоби, археолошки доистражувања и изработка на Основен проект за конзервација и реставрација на архитектонските остатоци на Градбата со арки во Стоби, археолошки доистражувања на објект Римски театар во Стоби, конзерваторско-реставраторски работи на Полукружниот плоштад и дуќаните на Виа Сакра (Via Sacra), изработка на
проект за конзервација на археолошките остатоци од римската порта и сегмент од југоисточниот бедем и археолошки доистражување на портата и југоисточниот сегмент од комплексот градби околу храмот на Изида.