Магазин 15. ноември 2019. / 12:21

Објавени уникатни фотографии од создавањето на првата советска атомска бомба

Објавени уникатни фотографии од создавањето на првата советска атомска бомба

Во пресрет на одбележувањето на 75-годишнината од формирањето на руската атомска индустрија „Росатом“ објавени се уникатни историски документи за создавањето на советската атомска бомба. Преку фасциклите водени како „тајно“ се објавуваат планови, како и изградбата на индустриските комплекси за производство на плутониум и уран.

Објавени се вкупно 55 тома фотографии, нарачки, записници, референтни белешки, како и други документи. Меѓу нив има и такви адресирани до советското раководство, вклучувајќи го лично и маршалот Сталин. Во еден од нив, датиран со 17 јануари 1946 година, тој е запознат со извештај за ситуацијата околу работата поврзана со производството и искористувањето на атомската енергија.

Многу дописи добивал вицепремиерот и раководител на Комитетот за управување со атомските проекти, Лаврентиј Берија. Тој бил информиран како биле избрани фабриките за проектирање и оти индустријата чувствува недостиг од суровини за производство на неопходните плутониум и ураниум. Заради доверливоста на материјалите плутониумот-239 е наречен „производ Z“, а ураниумот -235 „производ А-95“.

Освен ова, се предлагало и објавување на посебна книга со која советското население ќе биде информирано за опасностите поврзани со создавањето на атомската бомба.

Исклучителен интерес предизвикуваат уникатните фотографии со кои  за прв пат се прикажува првата советска атомска бомба. За појаснување, до „производот 501“ позираат работници, но за жал, нивните имиња се непознати. Од посебна вредност е албумот „Фотографии за атомскиот проблм, објавени во различно време во САД, Англија и Канада“. Многу фотографии се направени од советски тајни разузнавачи.

Истовремено, објавена е и анкета пополнета од исклучителниот германски и советски атомски физичар Николаус Риел. Специјално за него во документот податоците покрај на руски, се објавени и на германски јазик. Треба да се одбележи дека по успешната проба на првата советска атомска бомба на 29 август 1949 година, Лаврентиј Берија наградил 33 учесници во атомскиот проект со орден Херој на социјалистичкиот труд. Меѓу наградените Риел е единствениот странец, а истовремено бил и воен заробеник.