Научниците Џон Б. Гудинаф, Стенли Витингем и Акира Јошимо ја добија Нобеловата награда за хемија, за нивните истражувања во развојот на литиум-јонски батерии, соопшти Нобеловиот комитет, пренесе Ројтерс.
– Литиум-јонските батерии предизвикаа револуција во нашите животи и се користат во се, од мобилни телефони до лаптопи и електрични автомобили. Со нивната работа, годинашните лауреати по хемија ги поставија темелите на бежичното општество и општеството без фосилно гориво – изјавија од Шведската кралска академија на науки.
Американскиот научник Џон Б. Гудинаф има 97 години и е најстариот добитник во историјата на Нобеловата награда. Вредноста на наградата која ќе ја поделат тројацата научници изнесува 906.000 американски долари.