Нивото на антитела кај пациенти кои оздравеле од Ковид-19 нагло опаѓа по изминати два до три месеци откако инфекцијата се смирува, се нагласува во студија на кинески научници кај пациенти со симптоми и заразени без симптоми на болеста. Ваквото откритие го поставува прашањето за времетраењето на имунитетот против корона вирусот.
Резултатите од студијата, објавени во списанието „Nature Medicine“, го прикажуваат ризикот од употреба на т.н. „пасоши за имунизација“ против Ковид-19 и ја поддржуваат тезата дека е потребно долго време да се одржува социјална дистанца и да се изолираат ризичните групи на пациенти, велат научниците.
Здравствените власти во некои земји, како Германија, дебатираат дали е етичко и практично да им се овозможи на лицата за кои е утврдено дека имаат антитела кон корона вирусот да се движат послободно од другите.
Во кинеската студија, истражувачите откриле дека оние кои се тестирале позитивно на антитела на имуноглобулин Г (IgG), имале остар пад од околу 90 проценти по два или три месеци. Овој вид на антитела е од суштинско значење за човечкото тело и го штити од вируси, бактерии и габи.
Авторите на студијата се научници од филијалата на Кинескиот центар за контрола и превенција на болести и нивни колеги од други кинески институции.
Студијата не ја исклучува можноста други делови на имунолошкиот систем да обезбедат заштита од корона вирусот – вели Џинг Донг-јанг, професор по вирусологија на универзитетот во Хонг Конг, кој не беше вклучен во студијата.
Некои клетки се сеќаваат како да се справат со вирусот по првата средба со него и можат да обезбедат сигурна заштита ако повторно се судрат со заразата. Научниците се уште истражуваат дали тој механизам работи против корона вирусот.