Магазин 26. јануари 2021. / 15:23

Непалскиот тим што го искачи вториот највисок врв К2, доби херојски пречек

Непалскиот тим што го искачи вториот највисок врв К2, доби херојски пречек

Непалски планинари добија херојски пречек на аеродромот во Катманду откако неодамна станаа првите луѓе кои го искачиле вториот највисок врв на светот К2 во сурови зимски услови, пренесува „Асошијетед прес“.

– Како тим, се чувствуваме многу горди и почестени. Мислам дека му испративме јасна порака на светот: ако се обединиме, ништо не е невозможно и сите сме среќни, изјави Нирмал Пурџа, учесник во историската експедиција, кој го држи рекордот за најбрзо искачување на 14-те највисоки врвови на светот.

Зимското искачување на К2 претставува посебно остварување за непалските планинари и затоа што на нив со децении се гледаше само како на водичи на странски планинари.

– Оваа експедиција го подигна статусот на непалските планинари до нови височини, додаде Мингма Шерпа организатор на експедицијата.

К2 е најпознатиот врв на планинскиот венец Каракорам и втор највисок на светот, зад Монт Еверест. Тој е последниот врв повисок од 8.000 метри што никогаш не бил искачен во зима. Непалскиот тим се погрижил сите десет членови во исто време да стасаат на врвот.

– Сите десетмина работевме заедно на исто ниво. Сите подеднакво си ги ризикувавме животите. Затоа најчесно е заедно да го делиме подвигот, рекол Пурџа.