Наспроти предупредувањето на Светската здравствена организација дека пандемијата со корона вирусот не е завршена, во Чешка се одржа необична прослава за „симболично збогување“ со заразата, јавува Би-Би-Си.
Вчера, илјадници луѓе заеднички седнаа на маса долга 500 метри поставена на Карловиот мост во Прага за да си разменат храна и пијалоци донесени од дома, без притоа да се почитува правилото за физичка дистанца.
Организатор на манифестацијата бил извесен Онджеј Кобза, кој изјави дека нејзиното одржување било можно поради отсуството на туристи во градот. Кобза, инаку сопственик на кафеана во Прага, за АФП изјави дека целта на собирањето била да се означи крајот на кризата и луѓето да можат да покажат дека не стравуваат од средби или да земат сендвич од своите соседи.
Учесниците на забавата на мостот на Волтава морале преѕходно да обезбедат резервации и сите места биле исполнети.
Чешката влада минатата недела донесе одлука за организирање собири до 1.000 луѓе, а рестораните примаат гости и во затворените делови. Во 10-милионската Чешка има под 12.000 случаи со корона вирусот, а до сега животот го загубиле 350 лица.