Магазин 20. октомври 2019. / 11:44

Најдолгиот лет во светот: Авионот летал 19 часа и шест минути, следуваат анализи

Најдолгиот лет во светот: Авионот летал 19 часа и шест минути, следуваат анализи

Авионот на австралискиот авиопревозник по лет од 19 часа слета во Сиднеј. Ова е првиот директен лет од Њујорк до Австралија, како и прво тестирање на влијанието од долгите летови врз човечкиот организам.

Квантас „QF 7879“ полета од њујоршкиот аеродром Џон Ф. Кенеди во петокот ноќта и слета на сиднејскиот аеродром Кингсфорд Смит во неделата наутро.

Моментално „Сингапур Ерлајнс“ го држи рекордот за најдолг комерцијален лет од Сингапур до Њујорк кој трае 18,5 часа.

Квантас го пренамени новиот Боинг 787-99 за тест-летот со максимално гориво и намалување на бројот на патници и багаж без товар, како би се овозможило да лета без прекин.

Авионот со 49 луѓе во него летал точно 19 часа и шест минути на пат долг 16.200 километри.

Идниот месец истата компанија ќе тестира нон-стоп лет од Лондон до Сиднеј, а до крајот на годината ќе донесе одлука дали редовни ќе ги воведе долгите летови. Ако дојде до позитивна одлука, првите летови би можело да тргнат 2022 или 2023 година.