Магазин 07. октомври 2019. / 13:10

На Сара Џесика Паркер и „згорчи“ „Медена земја“

На Сара Џесика Паркер и „згорчи“ „Медена земја“

Познатата актерка Сара Џесика Паркер многу бргу го почувствува горчливиот вкус на политиката. Само што го препорача за гледање македонскиот документарец „Медена земја“, што моментно се прикажува во Њујорк, таа беше приморана својот пост да го измени. И тоа во делот на името на државата од која потекнува филмот и целата екипа, која го подготви и игра во него.

-Медена земја – восхитувачка, неверојатна, интимна а сепак епска приказна за пчеларката Хатиџе Муратова. Жена која нема да ја заборавам. Постои добра причина зошто филмот ја добива секоја награда за документарец.

Честитки за режисерите Љубомир Стефанов и Тамара Котевска и ви благодарам што ни овозможивте визуелно патување до малото селце во Република Македонија. Моментално се емитува во Њујорк, чувствувам дека ќе биде номиниран за Оскар!, стоеше во  нејзината објава на нејзиниот Инстаграм.

Нејзиниот „грев“ беше што не била добро запознаена со политичките прилики во нашата држава и промената на нејзиното име. Па, наместо нејзината професионална порака да биде прифатена, таа стана предмет на критики од политички карактер. На Грците, па и на други нејзини следбеници им пречело што во името недостасува тоа „Северна“.

 

-Името на земјата е променето во Република Северна Македонија/Македонија е грчка/Смени го името во Северна Македонија“, беа дел од коментарите на корисниците кои ја нападнаа актерката, по што таа им се извини за грешката и во објавата додаде „Република Северна Македонија“.

Но, и тоа не било доволно за да престанат критиките, па актерката била приморана да ги исклучи коментарите, целосно да го тргне името на нашата земја од нејзината објава и да објасни зошто го направила тоа.

-Има премногу дискусии за овој пост. Поточно, за името на земјата. Мојата цел беше да привлечам што поголем дел публика за оваа неверојатна приказна и документарец. Не заземам политичка позиција бидејќи не сум доволно информирана. Ќе се потрудам да научам повеќе, а се надевам дека вие ќе се потрудите да бидете дел од публиката на Медена земја“, напиша Сара Џесика Паркер.