Во функција на подготовките за прославата на големиот јубилеј – 1.000 години од основањето на Свештениот Бигорскиот Манастир, игуменот на ова древно светлште, Архимандрит Партениј, со дел од братството и сестринството, имале средба со Митрополитот Дебарско-кичевски г. Тимотеј.
– Во топла и срдечна атмосфера во митрополитското седиште во Охрид, нашиот Старец го запозна Митрополитот и побара благослов за предвидените активности, како и помош за подобра организација за што подостојно одбележување на оваа уникатна и мошне значајна годишнина – објавија од манастирот на нивниот веб сајт.
На состанокот била постигната взаемна согласност за претстојните манифестации, а притоа бил договорен и конкретниот датум за главната прослава.
– Како најсоодветно решение беше избран 18 октомври, со тоа што се очекува официјална потврда на овој датум, на следната Синодска седница најавена за 6 февруари – стои во објавата.
Покровител на прославата ќе биде претседателот Стево Пендаровски, кој при посетата на Бигорскиот манастир, на 11 минатот месец ја прифатил поканата од страна на игуменот Партениј.
– Благодарам што ми предложивте да бидам покровител на манифестацијата: илјада години Бигорски манастир, бидејќи овој манастир има значење на столб на нашата духовност. Затоа, оваа покана за мене претставува голема чест. Самото времетраење и опстојување покажува дека станува збор за многу длабок корен, кој ние, денешните припадници, не само на православната вера, туку и сите луѓе кои гравитираат од овој простор, мораат да го почитуваат. Ако не ги почитуваме корените, сигурно нема да имаме ни иднина – вели Пендаровски.