Официјалните детали за трагичната авионска несреќа во која загина аргентинскиот фудбалер Емилијано Сала заедно со пилотот во приватниот авион ќе бидат обелоденети на 13 март, најавија британски и француски медиуми.
Нешто повеќе од една година по трагедијата во која Сала загина на пат од Нант кон Кардиф, откако неговиот авион се урна во Ла Манш, сега официјално ќе бидат познати сите детали, а според тоа што дознале медиумите на Островот и во Франција, фатално било преголемото количество на јаглерод моноксид, кое било пронајдено во телото на Аргентинецот по извршената обдукција. Во извештајот наводно пишува и дека пилотот, чие тело не е пронајдено во Ла Манш, немал одобрение да превезува патници за некаква надокнада или финансиска награда.
Сала загина во авионска несреќа пред да заигра за Кардиф, откако направи трансфер вреден 17 милиони евра од Нант, беше промовиран, а потоа се врати во Франција за да се поздрави со соиграчите и авионот се урна на враќање кон Велс каде требаше да продолжи да игра. Трансферот остана проблематичен, во кој Нант и Кардиф се најдоа во клинч, па ФИФА одлучи дека Велшаните мора да ја исплатат првата рата од договорениот трансфер од 6 милиони евра, но сега Кардиф се жали во Лозана на таа одлука на Арбитражниот спортски суд.