По повод Европските денови на културното наследство, оваа година под мотото „Културното наследство и училиштата“ НУ Музеј – Куманово преку проектот „Сподели богатство“ по четврти пат учествуваше со организирана посета на локалитетот „Камени кукли“ во кратовското село Куклица, со креативно-едукативна работилница на тема „Легенди и преданија во современото живеење“.
– Настанот се одржа со ограничен број на деца – 15 учесници од 8 до 14 години од основните општински училишта, со запазени сите мерки и протоколи пропишани од Комисијата за заразни болести и Министерството за здравство. Децата се запознаа со поимите легенди и преданија преку истражувањата на културолог Наташа Пешевска, а подоцна моделираа со глинамол инспирирајќи се од самиот амбиент, изјавија едукаторите од НУ Музеј Куманово Габриела Митевска и Неда Митковска.
„Сподели богатство“ има за цел уште од најрана возраст кај децата да ја развие свеста за музејската култура, да ги запознае со важноста на музејските предмети и уметничките дела како дел од нашето културно наследство.
Децата од Куманово преку заедничка интеракција со вработените од Кумановскиот музеј градат свесност за историјата и заедништвото. Проектот преку креативни форми им овозможува на децата да развијат љубов кон старините, кон уметноста, нашето богато минато. Музејот на овој начин ја остварува идејата – отворена институција за сите креативци, во овој случај за најмладата популација.