Смртта на лидерот на хрватскиот бенд „Нови Фосили“, Рајко Дујмиќ, разбуди многу спомени и анегдоти поврзани со него, со легендарната група, но и со хитовите кои ги остави зад себе.
Меѓу приказните, секако не изостана и онаа за ,,Милена”, песна која излезе во етерот во далечната 1983 година, а за која Дујмиќ во повеќе наврати за тамошните медиуми раскажуваше како и е посветена на една Милена од Неготино, девојка која што ја запознал на летување во Херцег Нови. Текстот за песната го напишал Зринко Тутиќ, на барање на Рајко.
Нивната средба и дружба на Јадранско Море се случила на почетокот на осумдесеттите години, кога Милена била на летување со нејзина другарка. Музичарот и композитор и ветил дека таа ќе заврши во песна, и како што тој раскажуваше за хрватските медиуми во минатото, таа не му поверувала.
Но, кога потоа по снимањето на песната која веднаш стана хит, започнала големата Југословенска турнеја на бендот, тие имале концерт во Неготино, во спортската сала Младост, Милена го побарала пред настап, и со солзи му рекла дека не верувала како еден ден навистина ќе заврши во песна. Поради големата популарност на песната и тогашната турнеја беше насловена ,,Милена генерацијо”.
Милена никогаш не сакала јавно да зборува на темата, ниту пак да се појави во медиумите. Сите понуди за интервју ги одбила и сакала да си ја зачува приватноста. И покрај големиот интерес за неа, бидејќи била инспирација за еден евергрин кој се пее со генерации, таа никогаш не прозборе јавно за Рајко.