Детското ликовно студио „Св.Кирил и Методиј“-Битола објави меѓународен детски ликовен конкурс за учество на јубилејното 40. издание на светската ликовна колонија „Мал битолски Монмартр 2021“.
На конкурсот на колонијата и светската изложба на детски ликовни творби може да учествуваат деца од целиот Свет, не помали од четиригодишна возраст, кои ќе изработат ликовна творба на тема која лично ќе ја изберат, во сите формати и со која било ликовна техника.
Со нетрпение го очекуваме месец мај и 2021 година кога заедно со младите ликовни уметници од светот ќе славиме 40 години „Мал битолски Монмартр“. Сите учесници ги доживуваме како ликовна бајка и веруваме дека сите ние заедно, со нашиот ликовен јазик и позитивна мисла ќе придонесеме овој свет да биде поубав, посреќен и обоен со најубавите бои кои произлегуваат од детската душа, нагласуваат од детското ликовно студио „Св.Кирил и Методиј“-Битола, домаќин и организатор на меѓународната детска ликовна колонија.
За најдобите ликовни творби кои ќе пристигнат на адреса на Студиото, организаторот ќе додели награда „Гран при“ за најдобра колекција, специјална награда „Богомил Карлаварис“, златни палети, дипломи и други признанија.
Меѓународната детска ликовна колонија „Мал битолски Монмартр“ секоја година се одржува од 23 до 30 мај, во деновите кога се слави денот на сесловенските просветители и патронен празник на студиото Св. Кирил и Методиј.