Магазин 10. февруари 2020. / 09:07

„Медена земја“ остана без оскар

„Медена земја“ остана без оскар

Македонскиот документарец „Медена земја“ не освои Оскар во двете категории во кои беше нoминиран.

– И покрај тоа што „Медена земја“ не доби Оскар, сосема сме свесни за големината на овој филм, за значењето на пораката што ја пренесува, за силата на бескрајните приказни што се кријат во оваа земја и за многуте наши талентирани уметници кои знаат како тие приказни да ѝ ги покажат на публиката. Почестени сме што бевме номинирани покрај овие одлични филмаџии со смели приказни кои им се обраќаат на луѓето од целиот свет, на универзалниот јазик на пкинематографијата, објави екипата од „Медена земја“ на фејсбук-страницата на филмот по завршувањето на доделувањето на Оскарите.

Во категоријата за најдобар странски филм од неанглиско подрачје златната статуетка заврши во рацете на јужнокорејскиот филм „Паразит“ додека во категоријата најдобар документарен филм Оскарот го доби „Американска фабрика“.

Во категоријата меѓународен филм покрај „Медена земја“ и јужнокорејскиот „Паразит“, беа и „Корпус Кристи“ од Полска, „Клетници“ од Франција и шпанскиот „Болка и слава“.

„Медена земја“ е првиот документарец номиниран за „Оскар“ во две категории, со што се впиша во филмската историјата.

Документарниот филм во режија на Љубомир Стефанов и Тамара Котевска е третото остварување од Македонија номинирано за „оскар“ по „Пред дождот“ на Милчо Манчевски и „Дае“ на Столе Попов.

Во тек е 92-то издание на доделувањето на Оскарите.