Магазин 01. јуни 2019. / 17:50

Манасков со Веспрем ќе игра за титула во ЛШ

Манасков со Веспрем ќе игра за титула во ЛШ

Веспрем е прв финалист на Фајналфор турнирот во ракометната Лига на шампиони. Унгарскиот состав, чиј член е Дејан Манасков, во полуфиналето го совлада Кјелце со 33:30 (полувреме 13:13). Македонскиот репрезентативец остана без минутажа во дуелот за финале што се надеваме дека нема да биде така и во утрешниот меч за титула во „Ланксес арена“.

Кај победничката екипа „експлодира“ српскиот интернационалец Петар Ненадиќ со 12 гола, пет додаде Словенецот Драган Гаиќ, по четири запишаа Хрватот Мануел Штрлек и репрезентативецот на Унгарија, Мате Лекаи.

Поранешниот вардарец, пак, Алекс Душебаев беше прв стрелец за полскиот претставник со седум гола, два повеќе од уште еден „црвено-црн“ ракометар од минатото, Лука Циндриќ и Белорусинот Арцем Каралек.

Од 18 часот во „Ланксес арена“ ќе играат Вардар и Барселона во вториот полуфинален меч на завршниот турнир во Келн.