Магазин 20. јули 2020. / 14:43

Вања Петрушевска: Предрасудите за манекенството најчесто се кај постарите генерации

Вања Петрушевска: Предрасудите за манекенството најчесто се кај постарите генерации

Вања Петрушевска е млада, талентирана, преубава Македонка, која е привлечена од професијата модел.

Таа во интервју за „Слободен печат“ вели дека во нејзината професија фотографијата има огромна моќ, моќ да креира желби и соништа кај луѓето.

Петрушевска вели и дека својата манекенска кариера не ја гледа во Македонија

Уште како малечка кога за првпат почнав да ги забележувам познатите модели на големите билборди низ Скопје и насекаде на социјалните мрежи, бев воодушевена од оваа професија. На прв поглед ме воодушевуваше нивната убавина, но не беше само тоа. Тие девојки беа полни со самодоверба, моќен став и заведувачки поглед. Од тие моменти се креираше мојата желба за и јас да сакам да бидам една од нив – вели Петрушевска.

Во продолжение интервјуто на Вања Петрушевска за „Слободен печат“.

Каков е патот до успехот и дали својата кариера ја гледаш тука?

– За жал, патот до успехот е тежок. Уште потежок во Македонија. Патот до успехот секојдневно бара многу посветеност, нега, внимание, и најмногу од од сè трпение. Јас мојата кариера не ја гледам во Македонија, иако имам доста сработено хонорарно, сепак, сè тоа го сметам за почетничкo искуство.

Во времето на глобализација и напредна технологија, што треба да се поседува за да се успее како модел надвор од границите на Македонија?

– Во време на глобализација и напредна технологија, едни од најефикасните алатки за успехот надвор од границите на Македонија се социјалните мрежи. За разлика од минатото, со нивна помош имаме појасна перцепција за самите модели и големите компании што ги застапуваат. Со помош на социјалните медиуми можеме да бидеме во тек со настаните и информациите кои тие ни ги пружаат, можеме да ги искористиме во наша полза и да тргнеме на вистинскиот пат кон успехот.

Дали досега си се соочила со предрасуди во однос на манекенството и што те навредило? 

– Лично, досега се немам соочено со предрасуди и навреди. Мислам дека предрасудите околу манекенството најчесто се кај постарите генерации и луѓето кои немале некое искуство околу тоа што поточно се случува позади завесата кај моделите и манекенките кои професионално и со љубов ја вршат оваа работа.

Каква моќ има фотографијата? Дали ,,се продаваат“ соништа или реалност?

– Фотографијата има огромна моќ. Една фотографија има моќ да креира желби и соништа кај луѓето. Да ги мотивира луѓето да ги претворат тие соништа во реалност, без разлика дали тие соништа се да поседуваат одредено парче облека, поздрав и поубав физички изглед или пак, како во мојот случај, желба и сон за идна професија.

Фотографии: Зоран Поповски Аверел