Австралискиот ММА борец со потеклот од Македонија, Александер Волкановски, оствари нова победа во УФЦ.
На вчерашниот настан УФЦ 245 тој го победи актуелниот шампион во „пердув“ категорија Макс Холовеј. 31-годишникот беше поуспешен од својот противник со одлука на судиите по пет рунди во октагонот.
Претходно, Волкановски го совлада легендарниот Хозе Алдо, а одличната форма ја потврди со освојување на шампионскиот појас. Судиите покрај октагонот досудија во корист на борецот од Австралија со резултати 48-47, 48-47 и 50-45.
Неговиот татко е роден во селото Беранци, а мајка му има потекло од Егејска Македонија. Неговите почетоци во борењето се случиле кога имал само 12 години, а две години подоцна се откажал и тргнал да гради кариера во рагби, што е доста популарен спорт во Австријалија.
ММА тренинзите ги започнал на 22 години, поточно во 2012 година, а неговите одлични настапи на домашно тло го привлекоa вниманието на Дана Вајт, претседателот на УФЦ. Досегашниот скор во октагонот за Волкановски гласи 21 победа и само еден пораз.