Магазин 19. март 2020. / 10:13

Лука Јовиќ избегал од карантин во Мадрид за да го прослави роденденот на Софија во Белград

Лука Јовиќ избегал од карантин во Мадрид за да го прослави роденденот на Софија во Белград

Српскиот фудбалер Лука Јовиќ, не се снајде најдобро по доаѓањето во Реал Мадрид минатото лето, но со својата најнова постапка предизвика гнев кај раководството и навивачите на клубот, како и на јавноста во Шпанија и во Србија.

Проблемот е тоа што Јовиќ одлучил да ја напушти самоизолацијата во Мадрид и заминал за Белград за да присуствува на роденденската забава на својата девојка, Софија Милошевиќ.

Тоа доаѓа во време кога сите играчи на фудбалскиот и кошаркарскиот тим на Реал Мадрид се во карантин откако кошаркарот Треј Томпкинс беше позитивен на корона вирусот. Тие две екипи делат многу од просториите за тренинг и рекуперација на клубот, а токму Јовиќ, меѓу првите откри дека го користел истиот базен со Американецот Томпкинс.

Во ситуација кога корона вирусот засилено се шири кај нашиот северен сосед, српската јавност е згрозена од односот на фудбалерот, кој наводно пред неколку дена со приватен авион долетал во Белград, а по роденденската забава се вратил назад во Мадрид. Затоа, бесни од неговиот непрофесионален однос се сите во Реал Мадрид, шпанската спортска јавност, но и Србите.

Дечко, сакаш сите да не убиеш – пишува српски Курир.

Весникот информира и дека голгетерот на Реал посетил бројни белградски ресторани и кафулиња за време на краткиот престој во татковината. Воедно, „Курир“ потсетува дека секој жител кој доаѓа од Шпанија мора да мине 14 дена во самоизолација веднаш по пристигнувањето на српско тло, правило што Јовиќ не го почитувал.

Со ваквото однесување фудбалерот ја налутил и премиерката на Србија, Ана Брнабиќ.

Постојат примери на фудбалери кои имаат милионски договори во странски држави, а овде доаѓаат и не се во изолација. Ќе се занимаваме со нив – порача Брнабиќ.