Познатиот холивудски актер, Леонардо ди Каприо објави фотографија на својот Инстаграм профил за подигнување на свеста за високите температури кои се последица на климатските промени.
Фотографијата на која пишува дека високите температури се поврзани со развој на болести предизвикани од горештините, е направена во центарот на Скопје покрај фонтаната на плоштадот.
Зад фотографијата стои еден од најпознатите и најуспешни фоторепортери во Македонија, Роберт Атанасовски.
Порастот на температурите кој предизвикува екстремни временски настани низ целиот свет може да резултира со зголемување на болестите поврзани со горештините, како и со закана од нови инфективни болести, тврдат научниците од универзитетот ‘Џон Хопкинс’. Во труд објавен во Журналот за клинички истражувања се вели дека со климатските промени може да очекуваме да порасне бројот на случаи на грчеви од жега, исцрпување од жега и потенцијално фатални удари. Екстремните горештини особено ќе влијаат на децата, постарите луѓе, лицата кои страдаат од хронични болести и на оние кои живеат во недоволно развиените заедници, напишал Ди Каприо покрај фотографијата на Атанасовски.