Со леб и сол, со поздрав и аплауз, крушевчани вечерва ги пречекаа илинденските коњаници пред столбот на Крушевската република кај црквата „Свети Никола” во центарот на градот. Преку 80 коњаници пристигнаа од три страни и се од повеќе места. Меѓу нив се коњаниците од Горно Лисиче, од манастирот Бигорски, од Кичевско.
Крушевскиот градоначалник Томе Христоски ги поздрави илинденските коњаници, нагласуваќи дека ова е повеќедецениска традиција која е во чест на големиот национален празник Илинден.
– Веќе неколку децении продолжува традицијата на доаѓање на илинденската коњаница од повеќе правци кон Крушево. Традиционално со леб и сол се пречекани пред столбот на Републиката. Со ова ги започнуваме чествувањата во рамките на „10 дена Крушевска Република”. Нашата порака е достоинствено и сите заедно да си го празнуваме овој празник, кој е на сите нас – рече Христоски.
Годинава, Научно-културните средби „10 дена Крушевска Република” нудат богата програма чиј дел се илинденските коњаници.
– Со доаѓањето на коњаниците ги означуваме чествувањата за Илинден во рамки на „10 дена Крушевска Република”. Утревечер е свеченото отворање и сите денови манифестацијата нуди богата програма со концерти, пејачки групи, настани, театарски претстави сите десет дена – нагласи секретарот на манифестацијата Трајче Шекрески.
Коњаниците од центарот на Крушево се упатија кон Гумење, каде посетителите ги пречекаа срдечно. Според нив, ова е неописливо чувство да се пристигне во Крушево за Илинден. Александар Трајковски е дел од групата од 21 коњаник од коњаницата „Горно Лисиче 1978″.
– Јас учествувам првпат и чувството е неописливо и сум посебно горд што стигнавме во Крушево. Патувавме пет дена – рече Трајковски.
Седумнаесетгодишната Марија Стамболиска од коњаницата од Горно Лисиче вели дека во семејството имаат илинденски традиции.
– Имам 17 години и првпат јавам. Убаво е чувството да си дел од ваква манифестација. Мојот татко јаваше во 2012 година. Имаме семејна историја зашто мојот прадедо бил илинденец. Ова е наше наследство и сме горди – изјави Стамболиска.
Според Перо Цаца од коњаницата од Горно Лисиче ова е потсетување за младите генерации.
– Ова е потсетување за младите да дознаат што и како било, сето проткаено на културен план. Мислам дека никогаш нема да заборавиме кои сме биле и што сме – рече Перо Цаца.
Коњаницата „Патот на Црешовото топче-манастир Бигорски” учествува 10-ти пат и брои 15 коњаници.