Магазин 10. март 2021. / 09:09

Кралицата Елизабета конечно излезе со реакција на интервјуто на Хари и Меган

Кралицата Елизабета конечно излезе со реакција на интервјуто на Хари и Меган

Бакингемската палата го прекина молкот во вторникот за експлозивното интервју што принцот Хари и неговата сопруга Меган Маркл што ѝ го дадоа на Опра Винфри, а кое се емитуваше минатиот викенд.

Британскиот кралски двор издаде кратко соопштение во кое се осврнува на низата тешки обвинувања, од кои најсилното одекна она за расизмот, кое кон војводата и војвотката од Сасекс го манифестирале некои членови на кралското семејство.

– Целото семејство со тага го прими сознанието за тоа колку биле предизвикувачки изминатите години за Хари и Меган – започнува изјавата потпишана од самата кралица Елизабета Втора.

-Прашањата на кои се осврнаа, особено оние што се однесуваат на расата, се загрижувачки. Иако можеби на различни начини се присетуваме на некои случувања, ние сигурно ги третираме многу сериозно и ќе се занимаваме со нив приватно во семејството. Хари, Меган и Арчи секогаш ќе бидат сакани членови на нашето семејство, се вели во соопштението.

Како што е познато, во големото интервју, Меган, меѓу другото, рече дека имало моменти кога размислувала за самоубиство и дека кралското семејство ги игнорирало нејзините проблеми. Од друга страна, Хари зборуваше за нарушените односи со неговиот татко Чарлс, за кого тврди дека во еден момент престанал да одговара на неговите повици.

Се верува дека кралицата намерно чекала до вторникот навечер да го искоментира шокантното интервју со Опра Винфри, за Британците да имаат можност прво да го погледнат, но не се очекува дека „Фирмата“ понатаму преку официјалните канали на ваков начин да го коментира спорното интервју.