Семејни веселби со преку 100 луѓе, без маски и дистанца и понатаму се главната причина зошто Струга секојдневно има довцифрена бројка на заболени и преку вкупно 170 активни случаи на вирусот ковид 19.
Директорот на струшката болница вели свеста кај локалното население и понатаму е многу мала, и покрај тоа што оваа општина е во првите со најмногу починати лица како резултат на опасниот вирус.
Во болницата во моментот на лекување се 12 пациенти со полесна клиничка слика додека другите со тешка здравствена состојба се препраќаат на скопските клиники.
Од почетокот на епидемијата досега регистрирани се преку 530 граѓани позитивни на вирусот а околу 50 од нив ја изгубија битката.
Во моментов бројката на активни пациенти позитивни на ковид во оваа општина се движи околу 170. Граѓаните велат очигледно е непочитувањето на мерките. Маска носат постарите додека помладите редовно ги полнат кафулињата, рестораните и плажите без да почитуваат дистанца и без да носат заштитни маски.
Од општината велат дека состојбата во градот е далеку подраматична од она што е воочливо.Најавуваат дека деновиве ќе ја интензивираат работата на инспекциските служби со цел да се спречи и понатамошно молњевито ширење на вирусот.