Заразата со Ковид-19 во земјава стопроцентно ќе заврши на 16 јуни годинава, на 23 мај предвидувањата се дека ќе бидат реализирани 99% од вкупно очекуваните случаи, додека 97% се очекува на 13 мај, се вели во студија, која го предвидува развојот на заразата со Ковид-19 со користење на алгоритам од веќе потврдените случаи.
Интернет страницата каде се објавени податоците, како што нагласуваат, е наменета единствено за едукативни и истражувачки цели. Моделот користи веќе постоечки резултати со кои се проценуваат кривите на пандемскиот животен циклус и предвидува кога пандемијата може да заврши во соодветните земји во светот.
Од нашите соседи, во Србија заразата се очекува 100% да заврши на 23 август годинава. Во Грција на 11 јули, Хрватска на 15 јуни, Албанија на 10 јули.
Моделот и податоците, велат, не се точни за сложените, еволуирачки и хетерогени реалности на различни земји, а предвидувањата се неизвесни по природа. Порачуваат дека читателите предвидувањата мора да ги земат со претпазливост, бидејќи оптимизмот за некои предвидени датуми може да биде опасен, имајќи предвид дека може да ги олабави нашите дисциплини и да предизвика пресврт во ширењето на вирусот.
Генерално, се предвидува дека пандемијата со новиот корона вирус во светот ќе заврши на 1 декември годинава. Проценетиот датум на завршување на короната со реализација од 97% од вкупно очекуваните случаи се очекува да завршат во мај.