Постојат различни толкувања дали пациентите кои се излекувани може повторно да се позитивни на корона вирусот. Според директорката на Корејскиот центар за контрола и превенција на болести, Џеонг Еун-Кјонг, поголема е веројатноста вирусот да се реактивира отколку пациентите повторно да се заразат, пишува Ројтерс.
Таа ова го изјави откако вчера јужнокорејските власти соопштија дека 91 пациент за кои се верувало дека се излекувани, повторно се позитивни на вирусот. Здравствените работници од оваа земја велат дека е нејасно како се случило тоа и оти епидемиолошките истражувања сè уште се во тек.
Сепак, додека меѓународната заедница истражува, државите во светот се надеваат дека оние кои оздравеле развиваат имунитет што ќе спречи повторување на пандемијата.
Други експерти тврдат дека виновници можат да бидат и неисправни тестови, како и дека остатоци од вирусот сè уште можат да бидат во телата на пациентите, но не се заразни и не претставуваат опасност за другите.
– Постојат различни толкувања и многу променливи вредности, рече Јунг Ки-САк, професор по белодробни болести на универзитетската болница Халим, додавајќи дека научниците мора да најдат одговори за секоја од овие варијабили.
Јужна Кореја изминатото деноноќие информира за 27 нови заразени, што е најмалку од февруари кога имаше и до 900 случаи на ден. Градот Даегу, каде избувна епидемијата, нема нови случаи за првпат од февруари.