Изминатата седмица прагот на информирање и алармирање од присуството на штетни честички во воздухот не е надминат на ниту едно место во државата, покажуваат податоците од Државниот автоматски систем за квалитет на амбиентен воздух.
За период од 09.03 до 15.03 годинава се забележува дека среднодневната гранична вредност за суспендирани честички со големина до 10 микрометри РМ10 (50 микрограми на метар кубен) е надмината на мерните места Центар, Гази Баба, Карпош, Лисиче, Миладиновци, Гостивар, Кавадарци, Кичево, Куманово, Струмица, Тетово и Велес 2. Но, прагот од два последователни дена не е надминат на ниту едно мерно место во државата.
– Прагот на информирање за РМ10 (2 последователни дена со среднодневни концентрации над 100 микрограми на метар кубен) не е надминат на ниту едно мерно места во државата. Прагот на алармирање за РМ10 (2 последователни дена со среднодневни концентрации над 175 микрограми на метар кубен) не е надминат на ниту едно мерно места во државата, велат од Министерството за животна средина.
Дали мерките против корона вирусот се причина за намалување на загадувањето, намален транспорт, индустрија, или пак причината се атмосферските влијанија периодов останува упатените да анализираат.
Во меѓувреме, мината недела беа објавени снимки од страна на Европската вселенска агенција (ЕСА) за кои информираа дека регистрирале намалување на азотниот диоксид, а дека тоа се должи на колективниот карантин во Италија.
-Иако снимките може да бидат попречени од облаци и временските услови, ние сме убедени дека сегашната состојба во Италија е под влијание на прекин на транспортот и индустриската активност, објави ESA.
На почетокот на месецов во Кина се случи истата работа. Научниците откриле дека поради корона вирусот биле намалени емисиите на стакленички гасови за најмалку една четвртина , и тоа за само две недели кон средината на февруари.
Познато е дека до 23 февруари кинеските власти го прекинаа сообраќајот кон и од Вухан и затворија многу објекти за да го намалат ширењето на инфекцијата. Ова доведе до значително намалување на согорувањето на фосилни горива.