Магазин 14. март 2021. / 14:39

Кочов повеќе не е тренер на МЗТ Скопје

Кочов повеќе не е тренер на МЗТ Скопје

Асистентот во стручниот штаб на македонската кошаркарска репрезентација, Ѓорѓи Кочов, повеќе не е тренер на МЗТ Скопје, откако во договор заедно со управата на клубот е донесена одлука дека во моментов најдобро за двете страни е да биде ставен крај на соработката.

Аеродромци играат во променлива форма сезонава, како на домашна сцена така и во АБА2-лигата, каде што во моментов имаат шест победи од десет меча. Идентичен учинок „металците“ имаат и во Првата лига, што дефинитивно е под очекувањата на раководството на клубот и, секако, на навивачите на овој клуб. Чашата ја прелеа поразот од Академија ФМП и тоа по водство од дури 17 поени во првото полувреме, односно по загубениот втор дел од мечот со огромни 25 разлика (27-52).

„Нашиот клуб е горд што придонесе на македонската кошаркарска мапа да се појави млад и талентиран стручњак, кој во последниот циклус беше и дел од стручниот штаб на репрезентацијата. На Кочов му посакуваме се најдобро во кариерата, со надеж дека некогаш во иднина повторно ќе ни се вкрстат патиштата“, велат оттаму.

Кочов на кормилото на МЗТ дојде во април 2018 година на местото на Жељко Лукајиќ, период во кој дојде до шампионската титула во 2019 година. Во таборот на аеродромци, пак, дојде неколку месеци претходно, во декември 2017 година, како помошник на српскиот стратег кого подоцна го наследи.

Со екипата од „Јане Сандански“ во следниот период ќе работи Дарко Радуловиќ, првиот помошник на Кочов, додека управата на составот од Аеродром не најде соодветна замена за функцијата прв тренер. Челниците на МЗТ немаат многу време со оглед што екипата наскоро ја очекува последиот турнир од АБА2-лигата и тоа на Златибор (22-28 март), каде што ќе одиграат три кола во кои ќе бркаат две победи за пласман во плејофот.