Магазин 16. декември 2020. / 22:12

Ќерката на Гоце Николовски: Татко ми би бил празен и победен ако знаеше дека Македонија не се вика веќе така

Ќерката на Гоце Николовски: Татко ми би бил празен и победен ако знаеше дека Македонија не се вика веќе така

Ќерката на легендарниот македонски пејач Гоце Николовски кој ја отпеа една од најдобрите македонски песни „Бисер Балкански“ , со потресна порака се сеќава на нејзиниот татко и вели дека не е сигурна дека сака да биде жив во ваква Македонија, да види дека неговите борби биле залудни.  Таа потенцира дека тоа „Северна“ би го убивало.

Над фотографијата со нејзиниот татко која таа ја сподели на Фејсбук додава и дека нејзиниот татко секогаш ќе остане Македонец и најдобар.

-16 декември. Секоја година на тој ден пишувам колку ми недостасува. Тата. Па сепак, оваа година не сум сигурна дека би сакала да е жив. Не би сакала. Не би сакала да биде поразен и победен, многу ја сакаше Македонија. Ова „Северна“ би го убивало. Страшно би било да почувствува дека некои борби ги водеше залудно. Дека неговите идеали се минато. Дека неговата Македонија не се вика веќе така. Би бил празен и победен. Вака, за мене останува најголем Македонец. И најдобар. Татко. 14 години недостасуваш, пишува Катарина Николовска.