Тим научници од Канада веруваат дека канабисот може да помогне во превенција и потоа во лекување на коронавирусот. Тие се фокусираа на одредени активни супстанции во канабисот кои можат да ја зајакнат заштитата на клетките од коронавирусот.
Истражувачите од Универзитетот во Летбриџ се убедени дека некои од активните состојки во канабисот можат да помогнат да се спречи вирусот да влегува во клетките на белите дробови, каде што потоа се размножува и шири. Тие посочуваат дека канабисот може да ги намали влезните места на вирусот до 70 проценти.
„Нашата работа може да има огромно влијание затоа што нема многу лекови што можат да ја намалат инфекцијата за 70-80 проценти“, се вели во студијата.
Научниците истакнаа дека се потребни повеќе истражувања за да се докаже ефективноста на канабидиол (присутен во екстрактот од канабис).
„Веруваме дека во иднина подготовките на канабидиол би можеле да бидат додаток на третманот или превенција во борбата против коронавирусот“, вели истражувачот Олга Ковалчук.
Канабисот може да се користи дури и за „развој на едноставни превентивни третмани во форма на плакнења на уста и грло“, покажа студијата, со „потенцијал да се намали влезот на вирусот“ преку устата.