Дискусиите за позитивните и негативните дејства на канабисот се можеби една од најексплоатираните медицински теми во последнава деценија, како меѓу медицинските работници, така и меѓу оние кои немаат допирни точки со медицината, но на овој или оној начин имале искуство или потреба од негово користење. Тема, за која што ставовите често се граничат помеѓу медицинското и парамедицинското, помеѓу лични искуства и слушнати муабети, помеѓу докази и фикција.
пишува: д-р Миленко Костов, спец. неврохирург
Сега не би навлегувал во делот за потеклото, дамнешната употреба и начинот на кој ова растение, би рекол неправедно, е ставено на маргините на медицинската наука. Во моментовде факто неговото производство, поседување и употребасе незаконски,освен доколку не станува збор за масло, кое се дава по медицинска индикација. Позитивните дејствија на неговите главни активни супстанци, особено на Канабидиолотсе неспорни, меѓутоа, ниту се работи за магичен лек, ниту истото може самостојно да отстрани некоја болест за која се користи. Од друга страна, последиците што долготрајната употреба или злоупотреба ги остава на фронталниот кортекс се докажани, а не ретко за жал и видливи во секојдневното опкружување.
Неговото користење е медицински оправдано само доколку се користи во екстрахирана форма како масло. Тогаш е најделотворен, а начинот на екстракција е биохемиски процес кој е за медицинска дискусија и нема да биде дел од ова размислување. Се`уште не постојат долгорочни рандомизирани студии, кои би ја поставиле употребата на канабис со ниво на доказ А во медицината базирана на докази, за третман на било која состојба или болест. Затоа треба да се биде претпазлив и одмерен во ширината на индикациите како и во количеството и дозите во кои се користи. Притоа апелирам на претпазливост и кај медицинските работници и кај потенцијалните пациенти или семејства на пациенти. Мислењето на нестручната јавност е дека неговата употреба е со широк, а понекогаш би рекол и преширок спектар на дејство. Свесен сум дека аналгетското дејство често може да биде како благослов кај болните со онколошка дијагноза. Нема поголемо задоволство за пациентот, неговото семејство и медицинскиот тим кога пациентот ќе престане да чувствува болка. Но, немаме цврста медицинска документација која е во прилог на неговите онкостатски можности. Се`уште е хипотеза ставот дека канабисот го забавува растот на туморските промени. Канабисот генерално го забавува метаболизмот, така што има логика да го забавува и туморскиот раст. Да повторам, ова е се` уште хипотеза, да почекаме за нејзина потврда како би биле сигурни во истата.
За позитивните ефекти од користењето на маслото од канабис постојат истражувања во афирмативен правец,кои покажуваат дека овозможува одредено забавување на болеста кај болните со мултиплекс склероза, иако, од се` уште непознати причини, само кај одреден процент од нив. Она што се зборува, дека магично ги брише петната од демиелинизарачките промени на контролните снимки од магнетна резонанца, е на ниво на надрилекарство и е некоректно пред се кон самите пациенти. Значи забавување на прогресот да, но целосна ремисија на болеста, само со користење на масло од канабис, апсолутно не.
Кај болните со одредени форми на епилепсија, може да ги редуцира и разретчи нападите, иако постојат форми на рефрактерна епилепсија (епилепсија кај која нападите не се смируваат со ниеден медикамент) кои не се лекуваат или се предмет на неврохируршки треман. Така да, повторно е несериозно и нереално да се зборува за неговото магично дејство кај деца кои со користење на масло од канабис се излечиле од епилепсија и започнале нов и суперквалитетен живот. Кај болните со хипертензија,користење на маслото, може да го намали крвниот притисок, но тоа е повторно во склоп на неговото основно својство, односно забавување на метаболизмот. Исто така, неспорно е дека поседува својства на анксиолитик, но да не заборавиме, брзо се развива и резистенција кон неговото дејство. Токму резистенцијата ја прави дискутабина долготрајната употреба и го става неговото користење кај системските болести под знак прашалник. Ако од некој лек морате да ја зголемувате дозата за да го одржите ефектот, мора да бидете свесни дека го мултиплицирате и внесот на токсичните супстанци односно ги потенцирате и негативните ефекти. Сепак, да не ги заборавиме и психо-органските промени кои настануваат при долготрајно користење.
Значи како и секој лек, така и маслото од канабис има свои позитивни и негативни дејства. Неговото неправилно користењеили злоупотреба, може да доведе до низа несакани дејства, за кои авторот на овој текст бил сведок во повеќе наврати. Затоа, кај сите овие состојби, потребно е да се користи под посебна рецептура, концентрација и сигнатура, при што,под ниедна околност не може да стане збор за унифициран лек кој се дава на секој пациент, со иста фрекфенца и во иста концентрација. Затоа сметам дека неговото препишување и користење мора да биде под медицински надзор, а и одговорноста за неговото дејство би била на самиот лекар, како што е впрочем и во една прилично либерална земја како што е Канада. Значи, лекарот препишува доза и количина, но и лекарот е одговорен за несаканите ефекти. Кај нас ова е последните неколку години регулирано со закон, што не` става во позиција да имаме медико-легален простор, да под стручен надзор, ги овозможиме позитивните дејства на маслото од канабис кај секој пациент кај кој постои медицинска индикација за употреба, но повторно велам, како супортивна, а не како основна терапевтска можност. Заради тоа би нагласил дека нема потреба за измена на оваа регулатива во моментов, особено не за политички поени, во брза постапка, а без исцрпна и подолга јавна расправа.
Во отсуство на јасни докази и потврда за неговото позитивно дејство, а при постоење на јасни докази на негативните ефекти, што впрочем и ги има секој лек, сметам дека во оваа фаза, канабисот треба да биде под медицинска контрола и да се користи со совет иисклучиво во договор со лекар. Се подразбира дека треба да се користи онаму каде што имаме афирмација дека ја подобрува медицинската состојба, но тоа да биде ограничено, во медицински цели. За неговото легализирање за рекреативна употреба треба се` уште време, и пред се, цврсти докази за неговото позитивно дејство виз-а-ви докажаните негативни својства. Под рекреативна форма најчесто се подразбира пушење на самиот цвет, но, доколку прекумерно се користи, имаме дополнителни несакани медицински како и општествено-социјални ефекти кои не се за занемарување. Со оглед на ова, негова декриминализација што би значело одгледување и производство по сопствено убедување, не доаѓа предвид. Впрочем и во земјите каде што постои легализација на истиот, самиот пазар и лиценцираните производители и дистрибутери ја спречуваат неговата целосна декриминализација. Како и за секој друг производ за човечка употреба, потребни се строго одредени услови, нормативи и регулативи за производство и дистрибуција.Замислете само како би изгледало кога секој од нас би произведувал лекарства или суплементи по сопствено убедување и според сопственото знаење?