Магазин 03. септември 2020. / 15:22

Кампања „Вози одговорно“ во Кочани

Кампања „Вози одговорно“ во Кочани

Републичкиот совет за безбедност во сообраќајот на патиштата (РСБСП) и Одделението за внатрешни работи од Кочани денеска ја спроведоа кампањата „Вози одговорно“, чија цел е поголема безбедност во сообраќајот.

Во рамки на акцијата, на улиците во централното градско подрачје на Кочани се делеа едукативни флаери за последиците од управување моторно возило под дејство на алкохол, како и од непочитувањето на сообраќајните правила и прописи.

– Изминатата година на ниво на држава 132 лица го загубија животот во сообраќајни несреќи, а околу шест илјади се полесно или потешко повредени. Статистичките податоци за првите шест месеци од оваа година покажуваат дека има значително намалување на бројот на загинати и повредени лица, но сепак кога станува збор за човечки живот не можеме да кажеме дека ова бројка е задоволителна. Апелираме граѓаните и учесниците во сообраќајот да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи, истакна Ристо Манчев од Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата.

Покрај укажувањата и поуките за поголема безбедност, на учесниците во сообраќајот и на пешаците им се делеа и брендирани заштитни маски со логото на РСПБС.

Кампањата „Вози одговорно“ досега се реализираше во дваесетина градови во државата, а главна цел е едукацијата и подигање на свеста на учесниците во сообраќајот, како и превенција на последиците и ризикот од неодговорното однесување.