Компанијата „Нетфликс“ се вовлече во политчки скандал откако почна со прикажување на нова документарна серија посветена на Холокаустот. Во серијата „Ѓаволот од соседната врата“ се следи ликот и процесот против Џон Демјанук, Американец од украинско потекло, со прекар „Иван Грозни“, за кого се тврди дека раководел со гасната комора во логорот на смртта Треблинка.
Во документарната серија е прикажана карта на Европа на која се обележани местата на кои се наоѓале нацистичките логори. На неа логорите се наоѓаат во границите на денешна Полска и притоа никаде не било означено дека во тој период од историјата тие биле дел од нацистичка Германија.
Премиерот на Полска, Матеуш Моравјецки испратил официјално протестно писмо до директорот на „Нетфликс“ во кое посочува дека со таквиот приказ на картата се навестува како Полска да била одговорна за убиствата на милиони Евреи.
Од полското Министерство за надворешни работи на Твитер објавија две карти на кои јасно се гледа разликата.
-За време на настаните опишани во „Ѓаволот од соседната врата“, полската територија била окупирана и нацистичка Германија била одговорна за логорите. Картата прикажана во документарната серија не ги одразува реално границите во тоа време, пишуваат од Министерството.
Моравјецки ја повика компанијата „да им одаде почит на убиените и да ја сочува вистината за Втората светска војна и за Холокаустот“, бвинувајќи го притоа „Нетфликс“ за „ревизија на историските факти“.
-Мислам дека оваа ужасна грешка е сторена случајно, дополнува полскиот премиер.
Од „Нетфликс“ изјавија дека им е јасно за проблемот околу документарната серија, но не покаснуваат дали грешката ќе биде исправена.