Силен антициклон кој овој викенд ќе се стационира над западна, северозападна и северна Европа ќе услови слободно од Русија кон нашите краишта да дојде до спуштање на веќе најавениот поларен бран, информира метеорологот Славчо Попоски.
Овој поларен бран ќе биде проследен со засилен, повремено силен ветер од северен и од североисточен правец кој на некои места и тоа особено на запад ќе достигнува брзина до околу 90 км/час, ќе има услови и за локални послаби врнежи од снег и тоа особено во сабота.
Температурите на воздухот ќе опаднат дури и за околу 15 степени и максималните дневни температури на воздухот за време на претстојниот викенд ќе се искачуваат во интервалот од -5 до 5 во најтоплите региони, наутро пак и тоа особено во недела поради разведрувањето минималните температури ќе бидат многу ниски и ќе се спуштаат во интервалот од -13 до -4 степени додека на некои места истата има услови да се спушти и до околу -15 степени.
Поради наглата промена на времето биометеоролошките услови ќе бидат многу лоши, односно кај оние граѓани кој се чувствителни на временските промени ќе почувстуваат тежина на главата и телото, повремена нервоза како и несоница но и болки во коските и на местата од старите рани.
Поради силниот ветер кој понекаде, особено на запад се очекува да достигнува брзина и до 90 км/час, на граѓаните ги предупредуваме да бидат внимателни каде и како се движат додека на возачите го советуваме своите автомобили да не ги ставаат во близина на дрвја, особено врз оние постари.