Во Берово е спроведена акција за чистење на дивата депонија во туристичката населба Суви Лаки.
Акцијата како што информираа од општината се реализира во соработка со јавното комунално претпријатие „Услуга”, а со неа, како што додадоа, опфатен е и просторот околу регионалниот пат Берово-Струмица.
-Со реализација на оваа активности Општина Берово потврдува дека постојано се грижи за подобрување на условите и зачувување на животната средина, заради што неодамна се закитивме и со епитетот нај-еко општина. Поради ова упатуваме апел до сите граѓани, доколку сакаме чисто и убаво Берово, секој да се погрижи за зачувување на животната средина и правилно складирање на отпадот, придонесувајќи за доброто на себе си, своите блиски и на сите во заедницата, истакнаа од општината.
Оттаму додадоа дека паралелно во текот на денот се врши крпење на ударните дупки на локалните патишта во општината.
-Во рамките не Програмата за изградба, реконструкција и одржување на локални патишта и улици за 2020 година, во тек е активност за крпење на ударни дупки во Берово и населените места. Со активноста се опфатени улиците „11 Октомври”, „Борис Кидрич”, „Партизанска” и „Задарска”, а со крпење ќе се продокжи и во престојниот период на улиците „Балканска” и „Братство и единство”, посочија од Општината.
Освен ова, како што дополнија, предвидено е и крпење на ударните дупки во селата Митрашинци, Смојмирово, Русиново и Владимирово.
За крпење на ударни дупки, од буџетот на Општина Берово за 2020 година се издвоени 441 илјада денари.