Барање за воведување на македонски јазик на нивните платформи од некои американски технолошки компании како Нетфликс, Твитер, Амазон Прајм и Линкдин упатила организациjaта на Македонците од САД – Обединета македонска дијаспора.
Во барањето се потенцира дека вкупниот број на луѓе кои зборуваат македонски јазик низ целиот свет се проценува дека е близу четири милиони. Тоа го потенцира постоењето на значаен пазар за големите брендови за стриминг и технологија.
Од организацијата велат дека македонските иселеници се загрижени за тоа нивните потомци да не ја изгубат врската со мајчиниот јазик.
– А, таа врска може да се зајакне преку секојдневни активности, како дружење со популарните серии. Имајќи ја предвид големата побарувачка и пазар за нив, од суштинско значење е на сегашните и на идните говорители на македонскиот јазик да им се нудат услуги на нивниот мајчин јазик, исто како и понудата на другите јазици, велат од ОМД.
Оттаму додаваат дека можеби не треба да очекуваме дека Нетфликс или Амазон ќе понудат услуга за превод преку ноќ за сите наши омилени серии и филмови.
– Но, треба да има временска рамка за усвојување и тоа им го потенциравме, изјави Мишко Јосифов, член на УО на ОМД.
Дали ова го инсистираат и државните институции не е јасно.