Австрискиот пијанист Карл Ајшингер синоќа во Битола приреди импресивен, незаборавен концерт со дела од Бетовен и Лист.
На претпоследната фестивалска вечер Ајшингер кој како солист настапува со повеќе симфониски и камерни оркестри во Европа, пред битолската публика го презентира цело свое мајсторство и знаење изведувајќи две сонати од Лудвиг ван Бетовен и една балада од Франц Лист.
Карл Ајшингер одржал целовечерни коцерти на сите континенти, а по синоќешниот настап во Битола, тој се враќа на своето работно место како раководител на инструменталните солисти во Виена.
Најновото, 29-то издание на интернационалниот фестивал на класична музика „Интерфест“ завршува вечер со музички рецитал, коцерт кој ќе го одржат уметниците од Казахстан, Ајман Мусакаџајева-виолина, и Сара Асабајева-пијано. Во салата на битолскиот театар, Мусакаџајева и Асабајева ќе изведат дела од Бетовен, Равел и Сен-Санс.
„Интерфест“ годинава се одржува со посебни здравствени мерки, а љубителите на класичната музика во Битола во изминатите десет денови проследија исто толку концерти, но и една театарска претстава и ликовна изложба посветена на македонското современо сликарство.