Во рамки на годинашната јубилејна 15-та манифестација „Бела ноќ“ што се одржа во саботата, публиката имаше можност на 15 различни локации да проследи изложби, театарски перформанси, претстави, концерти и концертни настапи.
На еден од централните настани, пред Универзалната сала, музичките легенди Славе Димитров, Верица Ристевска, Драган Мијалковски, Лидија Кочовска, заедно со Сашо Гигов – Гиш, Ѓоко Танески, Ај Кју и Сара Мејс изведуваа мелодии од „Скопски Фестивал“. Фестивалот не се одржува веќе четврта година, а дотраениот објект на Универзалната сала веќе трета година не е во функција.
Како што соопшти Универзална сала – Скопје, на крајот на концертот, по заедничката изведба на легендарната „Чија си“ со Славе Димитров, пејачите заедно со присутните апелираа за враќање на „Скопскиот фестивал“ и обновување на еден од симболите на Скопје, Универзалната сала.
Годинашните победници на 3Д мапинг натпреварот на фестивалот на светлината „Skopje Light Art District“, Џереми Ури и Милош Лисински, ја отсликуваа својата визуелна уметност на фасадата на катната гаража „26-ти јули“. Во МКЦ, во рамки на „НЕкултура“ фестивалот, со домашна поддршка, настапи британското електронско дуо Paranoid London.
Националната Опера и Балет со поставките на „Кармен“ и „Валпургиска ноќ“ одбележа 70 години постоење, а во МНТ се одигра претставата „Круг“ во режија на Наташа Поплавска, со Дејана Поповска и Јакопо Гарфањоли во главните улоги. Во Музејот на современата уметност свој заеднички настап имаа пијанистката Ема Попивода и диџејот Андреј Мицајков.