Магазин 01. јануари 2020. / 17:14

Годишен љубовен хороскоп за 2020 година

Годишен љубовен хороскоп за 2020 година

Верувале или не во судбина и љубов предодредена од ѕвездите и распоредот на небесните тела, сигурно ѕиркате што ви пишува во годишниот љубовен хороскоп.

Прочитајте што ќе ви приреди зодијакот во 2020 година, љубете гласно и не заборавајте дека иако ѕвездите може да ви помогнат, поголемиот дел од работата останува на вас.

ОВЕН

Сѐ до мај се очекува партнерските и барчните односи да функционираат прилично добро. Има предиспозиции за поситни проблеми во февруари и март, но тоа повеќе ќе бидат недоразбирања и грешки во комуникација, а не длабоки проблеми со партнерот.

Од мај веќе влегувате во „неудобната“ љубовна зона – постои веројатност саканата личност да ви замери дека не сте внимателни, па дури и да ве обвини за неверство, а можно е овие стравови да се основани.

Јули, август и септември се критични за врските и браковите кои веќе некое време висат „на конец“, па можно е да пресечете. Врските кои ќе го „преживеат“ летото имаат стабилен пат до крајот на годината.

Слободните Овни ќе имаат поволни периоди за почнување нова, долга врска напролет и наесен. Во мај и јуни бидете посебно внимателни, на повидок се судбински моменти со силна симболика. Можно е да ви се појават личности од минатото, а новите потенцијални партнери ќе произлезат од познанства преку пријателите.

БИК

Оние кои се во романтична врска или брак, во текот на следната година ќе се брануваат меѓу потреба за подлабока поврзаност и потреба за поголема индивидуална слобода. Уран во вашиот знак на моменти ќе ви биде сојузник во љубовните врски, а на моменти – непријател. Искористете ги позитивните карактеристики на неговото влијание со тоа што ќе уживате во промените заедно со партнерот – патувајте и излегувајте заедно, најдете го вашиот идентитет како двојка. Во моментите на тензија, скротете го бикот во вас и вежбајте трпение и сталоженост.

Слободните Бикови во 2020 година ќе ги наоѓаат партнерите преку деловните познанства и социјалните мрежи. Март може да биде еден од судбинските месеци за вас, а настаните од овој месец ќе кулминираат во периодот април-јуни. Во овој период исто така можно е да обновите комуникација со некој поранешен партнер, но тоа најверојатно ќе заврши подеднакво бурно како и што ќе почне. Октомври е месец кога е можен почеток на длабоко емотивна и стабилна врска.

БЛИЗНАЦИ

Близнаците кои поминаа низ емотивни искушенија во 2019 година имаат шанса во првиот квартал да ја стабилизираат актуелната врска, а ако се во подолга врска да почнат да размислуваат за заедничко живеење со партнерот и брак. Оние кои се во брак и некое време се двоумат каде води врската ќе добијат храброст за голема промена – или ќе расчистат или ќе внесат големи промени за да ја обноват љубовта.

Слободните припадници на овој знак во пролетниот период може да обноват стара љубовна врска, но стабилизирање може да очекуваат дури во јуни-јули. Ноември може да се покаже како судбински месец за Близнаците.

Она што ќе им биде заедничко на сите нови (и обновени) почетоци на Близнаците е големата страст која ќе биде толку моќна што ќе биде речиси невозможно да се заузда и контролира.

РАК

2020 ќе биде година на тестирање на вашите љубовни и брачни односи. Она што вреди ќе го помине тестот и ќе продолжи понатаму, а можно е оваа година да прерасне во официјална врска или брак. Од друга страна, она што не било вистинско ќе заврши. Она што ќе биде различно овојпат е што ќе бидете многу реални и објективни во проценката на квалитетите и мааните на партнерот, но и на вашиот однос. Ако ја затворите вратата на некоја врска сега, тоа ќе биде засекогаш, без колебање.

Напнати моменти и тестирање на односите ќе има најмногу во периодите на помрачување на Месечината.

Слободните Ракови имаат одлични предиспозиции да запознаат личност со која можат да изградат стабилна врска со нова личност – ако не биде љубовна, тогаш ќе биде пријателска или деловна. Месеци за љубов за Раковите ќе бидат од март до јули, а ако ве „скокне“ овој период имате уште една златна шанса во декември.

ЛАВ

Сатурн ќе влезе во вашето поле на партнерства напролет, а неговиот транзит заедно со Марс низ април и мај ќе стави многу односи на тест. Првиот дел од годината ќе биде немирен и нема да има баш глатки односи со партнерот, па бидете подготвени на повеќе компромиси ако сакате да ја зачувате врската. Од друга страна, овие немирни времиња ќе донесат и големи промени и решителност – некои од вас ќе се одлучат за заеднички живот или брак.

Вториот дел од годината ќе биде поспокоен и вашите емотивни односи ќе бидат хармонични. Ова ќе се должи главно на фактот дека ќе бидете фокусирани на друг сегмент од животот – работата.

Слободните Лавови пред себе имаат година исполнета со забава, дружење и зацврстување на пријателските односи, што ќе донесе минливи авантури. Вистинска шанса за подлабока емотивна врска ќе имате во септември-октомври, откако ќе се заситите од забавата.

ДЕВИЦА

Ако врската со актуелниот партнер веќе е на „стаклени нозе“, првиот дел од годината нема да биде многу поволен за вас двајцата како пар. Можно е да дојде до уште поголемо дистанцирање, криење тајни, но и откривање на неискажани работи, особено во периодот февруари-март. За некои од овие врски 2020 ќе биде крајот на приказната, особено ако сфатите дека има повеќе работи што ве оддалечуваат отколку што ве поврзуваат. Ова сепак ќе биде мирољубиво разидување без драма.

Но, ако во отворањето на картите дојдете до заклучок дека уште има многу работи што ве поврзуваат, меѓу кои секако љубов, првата половина од годината ќе помине во знакот на компромисот и помирувањето.

Вториот дел од 2020 година ќе биде главно мирен, а минливите расправии ќе бидат околу финансии или колку време поминувате заедно.

За слободните Девици, пролетните месеци можно е да активираат една интересна љубовна приказна и тоа со личност од вашето деловно опкружување. Дали тоа ќе прерасне во стабилна врска ќе покаже есента.

ВАГА

За Вагите 2020 ќе биде годината кога ќе мора да се одлучат што им е повеќе потребно – продлабочување на врската или слобода. Не можете да го имате и едното и другото, и самите го знаете тоа веќе подолго време и ваквата ситуација се коси со вашата природа – да имате совршен баланс. Вам ќе ви биде доделена улогата во врската да пресечете: или ќе преминете на следното ниво, или ќе се разделите. Периодот од април до август ќе биде одлучувачки за вас на ова поле, па потрудете се да немате тешки одлуки за носење во другите аспекти од животот во овие месеци.

Ако сфатите дека покрај себе имате квалитетен партнер за чии маани можете да постигнете компромис, продолжете понатаму. Но, ако си дадовте сѐ што можевте и веќе не можете да се усреќите, посакајте си сѐ најдобро и продолжете понатаму.

Вагите во брак во 2020 година ќе размислуваат за принова во семејството или за голем потфат како реновирање или купување недвижнини.

Слободните Ваги имаат пред себе опуштена година, исполнета со прилики за љубовни врски, но оние посериозните ќе настапат во вториот дел на 2020.

СКОРПИЈА

Иако Уран ќе биде во вашето поле на партнерски односи, ова ќе биде невообичаено спокојна и мирна година за Скорпиите во врска. Влијанието на Уран ќе се манифестира во кристализирање на нештата и фокусирање на тоа да разговарате поотворено со партнерот и да го промените она што не функционира.

Отворениот канал за комуникација ќе значи дека посмирено и искрено ќе разговарате со саканата личност, а тоа ќе се одрази и на односите со другите ваши блиски луѓе. Најважно во оваа година ќе ви биде да се посветите на партнерот и заедничкото уживање, а во тоа ќе успеете ако паметно ги балансирате работните ангажмани што ќе бидат прилично солидни.

За слободните Скопрпии 2020 ќе помине во знакот на забавите и нови познанства. Ќе бидете покомуникативни од вообичаено, па тоа само ќе го зголеми интензитетот на минливите врски и авантурите, особено во првиот дел од годината. Во август можно е да се појави прилика за посериозна врска, па ако не сте сигурни во своите чувства, не го правете она што не би сакале да ви го направат вам.

СТРЕЛЕЦ

Ако сте решени да ги направите промените кои знаете дека се неопходни и ќе ја усреќат саканата личност, 2020 неизбежно ќе биде убава љубовна година за вас. Сепак, бидете внимателни во пролетниот период – не ветувајте повеќе отколку што можете да остварите, бидејќи може сите претходни напори да ви паднат во вода. Бидете посветени на саканата личност и покажете ѝ дека сакате да ја задржите покрај себе.

Во 2020 година ќе бидете пореални и потрезвени и ќе гледате на љубовните односи од практичен аспект, што не е карактеристично за вас, но е одличен знак на созревање во врската. Токму ваквото размислување можно е да ве поттикне на официјализирање на врската со живеење под ист покрив или предлог за брак.

За слободните Стрелци, пролетта во 2020 ќе биде возбудлива и интересна на љубовно поле. За некои од вас тоа може да значи враќање на некоја стара љубов, но во поголемиот број случаи тоа ќе значи само потврда дека со право сте раскинале првиот пат.

Она вистинското следува во втората половина од годината – за некои Стрелци крајот на летото ќе биде период кога ќе почнат експлозивна и интензивна љубовна врска што може да се круниса со брак веќе до крајот на годината!

ЈАРЕЦ

2020 ќе биде сериозна година за Јарците. Време е оние во сериозни врски да направат чекор напред и да преминат во следната фаза. Заедно со саканата личност созреавте, поминавте многу препреки и вашиот однос само се зацврсти низ бурните периоди. Сега е времето кога треба да уживате во она што заедно го создавате – брак, нов дом, а можеби и принова ве очекува во 2020 година, благодарение на позитивното влијание на Уран што кај вас воопшто нема да се штеди.

За оние кои веќе се во брак, новата година ќе донесе уште поголема блискост и посветеност со партнерот и ќе бидете пар за пример.

Може да се каже дека ова ќе биде година на слободните Јарци. Прилики ќе има од сите страни и од најразлични видови. Но, иако ќе имате многу понуди, нема да се впуштите во авантури, туку внимателно ќе ја барате личноста со која делите исти вредности, а најважно од сѐ – вистинска љубов и посветеност. Оваа година ќе ви ја отвори вратата кон љубовно исполнување и вистинска емотивна поврзаност.

ВОДОЛИЈА

Водолиите пред сѐ мора да постигнат внатрешен баланс пред да почнат каква било емотивна врска во 2020 година. Во следната година на Водолиите им претстојат многу промени, и иако се прилагодливи по природа, ќе им биде тешко да ги прифатат сите предизвици.

Оние во сериозна врска ќе направат големи чекори: преселба, почеток на заеднички живот или брак, па дури и принова. Припадниците на овој хороскопски знак влегуваат во една многу позрела и посериозна фаза од животот кога станува збор за љубовта.

За слободните Водолии, Венера ќе влезе во вашиот знак во почетокот на 2020 и ова ќе биде година на љубовта за вас.

Интересен ќе биде периодот на ретроградна Венера во мај и јуни бидејќи се случува во вашето поле на љубовта, а и Сатурн влегува во вашиот знак. За многумина ова ќе биде период што ќе ја донесе љубовта која долго ја чекале.

РИБИ

Рибите во 2020 треба целосно да го следат срцето. Ако ви кажува дека личноста пред вас е онаа вистинската, направете сѐ за а ја задржите покрај себе. Но, ако личноста не ви ја нуди среќата која знаете дека ја заслужувате и ви предизвикува немир, расчистете уште на почетокот на годината. Рибите се длабоко емотивни и состојбата на љубовно поле им се одразува на другите сфери од животот.

За слободните припадници на овој знак, самиот почеток на годината е многу интересен на љубовен план, а ако не сретнете интересна личност тогаш, имате втор поволен период од средината на летото. Можеби новите почетоци нема да бидат онолку романтични како што сакаат Рибите, но ќе ја имаат потребната доза на стабилност без која не можат.