Србинот Новак Ѓоковиќ се избори за четвртфинале на Австралија опен по голема борба и четири сета против младиот Данил Медведев од Русија (6-4, 6-7/5, 6-2, 6-3).
22-годишниот руски тенисер одигра одличен меч и на моменти парираше со светскиот рекет број еден, но на крај мораше да се задоволи со само еден освоен сет. Кога беше најпотребно, Ѓоковиќ ја подигнуваше играта на повисоко ниво што сепак се покажа како преголем залак за Русинот.
Првиот сет донесе ран брејк за првиот носител во Мелбурн, кој подоцна го загуби сервисот, но одигра одлично во завршницата и поведе со 6-4. Голема борба се водеше во вториот сет во кој Медведев одговори со одлична игра и се избори за тај-брејк. Во истиот поведе со 2-6 и на крај ја задржа предноста и покрај налетот на противникот за да слави со конечни 5-7.
Ваквиот расплет како да го налути фаворитот број еден за титулата кој започна да игра на високо ниво во следните два сета. Младиот руски интернационалец го загуби здивот и со тоа му ја олесни работата на Ѓоковиќ, кој со сигурна игра стигна до конечни 3-1 во сетови.
Противник во четвртфиналната фаза ќе му биде Кеи Нишикори од Јапонија. Тој го доби маратонскиот меч во пет сета против Пабло Карено-Буста од Шпанија (6-7/8, 4-6, 7-6/4, 6-4, 7-6/8) во кој се врати по негатива од 0-2.