Магазин 15. јануари 2019. / 12:02

Ѓоковиќ рутински го помина Кругер

Најдобриот рекет на светот, Новак Ѓоковиќ, на фантастичен начин го отвори првиот Грен слем турнир оваа сезона, Австралија Опен.

Српскиот ас загуби само седум гема и фуриозно го „збриша“ Американецот Мичел Кругер со 3-0 во сетови (6-3, 6-2, 6-2). По неочекуваниот пораз од Роберто Баутиста Агут во полуфиналето во Доха, Ѓоковиќ не дозволи нов шок за своите фанови и уште од стартот на мечот против 230. тенисер на АТП покажа моќ и со два брзи брејка стигна до предност од 1-0.

Останатите два беа чиста рутина за Ноле, а до стартната победа во Мелбурн стигна искористувајќи ја уште првата меч топка.

Од денешната програма на Австралија Опен, искусниот Жо Вилфред Цонга запиша лесна победа над Клижан од 3-0 во сетови, додека Стан Вавринка поради повреда го предаде мечот против Гулбис.