Италијанското издание на магазинот Вог излегува на 10 април, а неговата насловна страница е и повеќе од симболична.
Наместо некоја манекенка или актерка, кои инаку ги красат насловните страници на овој магазин, уредниците се одлучиле за бела, речиси целосно празна насловна страница. Освен името на магазинот и месецот во кој излегува, на неа нема ништо друго.
Во својата долга историја која се протега низ повеќе од стотина години, Вог прошол низ војни, кризи, терористички напади. Неговата благородна традиција е никогаш да не гледа на другата страна. Пред нешто помалку од две недели требаше да го испечатиме изданието кое го планиравме веќе некое време и кое вклучуваше и „L’Uomo Vogue“. Но, сега да се зборува за било што друго додека луѓе умираат, а докторите и медицинските сестри ги ризикуваат своите животи и светот засекогаш се менува, не е во ДНК-то на „Vogue Italia“. Поради тоа почнавме отпочеток. Одлуката за првпат во нашата историја да испечатиме потполно бела насловна страница не е затоа што недостасуваше фотографија – токму спротивното. Ја одбравме бидејќи белата боја симболизира повеќе работи во исто време – напиша уредничкиот колегиум предводен од главниот и одговорен уредник Емануеле Фарнети.
Неговото писмо е објавено делумно како наслов на Инстаграм.
Уредниците на списанието објаснуваат и што значи белата боја за нив.
Белата боја е пред сè почит. Белата боја е повторно раѓање, светлина по темнината, збир на сите бои. Белата е боја на униформите кои ги носат оние кои го ставаат својот живот на прва линија за да го спасат нашиот. Претставува простор и време за размислување, како и за молчење. Белата е за оние кои ова празно време и простор го исполнуваат со идеи, размислувања, приказни, стихови, музика и грижа за другите. Белата боја нè потсетува на времето по кризата во 1929 година, кога оваа беспрекорна боја преовладуваше на облеката како израз на чистота во сегашноста и надеж во иднината. И над сè, белата боја не е предавство туку празен лист кој чека да биде испишан, насловна страница на нова приказна која штотуку треба да почне – велат од „Вог“.