Македонската ликовна уметница, Наталија Винчиќ од 18 јуни до 1 октомври, годинава, изложува 11 дела од нејзината најова колекција „Мистериите на љубовта“. Интересно е тоа што нејзината изложба е поставена во мошне шик простор, во Монако, со оглед на податокот дека уметницата извесен период живее и работи во Франција, ова е голем успех за нејзиното исклучително и уникатно творештво.
Сместено во подножјето на карпата и на влезот во пристаништето Херкул, ова место на извонреднa гастрономска традиција и автентичност претставува одличен амбиент за презентирање на делата на Винчиќ.
Наталија Винчиќ е меѓународно образована уметница родена во Македонија. Како што вели самата инспирирана е од мајстори од раната ренесанса како Џото, од уметници од Арт Ново и Арт Деко. Таа го наметнува својот стил во преувеличување на формите, моќта на боите и фината линија што доаѓа од нејзиното практикување на византиската уметност. Нејзиниот пат ја води од иконографијата до трагите на Тамара Лемпицка, Густав Климт или Муча. Преку својата уметност, таа сака да сподели своја визија за егзистенцијални прашања и филозофски теми.